Четири лица загинале во експлозија на пазар во Багдад, а повредени се најмалку 13 лица, соопшти ирачката полиција. Бомбата била сокриена во близина на главната порта на пазарот Рашид во багдадскиот кварт Дора. Таа експлодирала кога камиони со овошје и зеленчук чекале да влезат на пазарот.
Во претходна експлозија на истиот пазар пред две недели загинаа тројца американски војници и десетина цивили.
Североисточно од Багдад, бомбаш-самоубиец активирал експлозив во градот Занула, откако бил запрен на полициски пункт. Властите велат дека во инцидентот загинал само напаѓачот.
Во градот Мосул во северниот дел на земјата, пак, била фрлена рачна граната врз американска патрола. Гранатата наводно ги промашила војниците, но усмртила најмалку еден Ирачанец.