Линкови за пристапност

Обама: Банкротирањето на „Џенерал моторс“ - чекор напред во обновата на компанијата


Банкротирањето на „Џенерал моторс“ е болен, но неопходен чекор напред во обнова на овој иконичен американски производител на автомобили, вели претседателот Барак Обама.

„Џенерал моторс“ во понеделникот побара судска заштита од кредиторите врз основа на банкротирањето, во рамки на планот за реструктуирање на компанијата, со кој раководи американската влада.

Обама кажа дека е свесен дека поради банкротирањето ќе бидат загубени нови работни места, но дека таквото жртвување ќе помогне да се создаде посилна компанија за идните генерации. Тој рече дека на ова гледа како на почеток „на еден нов `Џенерал моторс` што може да произведува автомобили на иднината со висок квалитет, безбедни и економични, што може да ги доведе САД до иднина без енергетска зависност, а тоа е повторно симбол на американскиот успех“.

„Џенерал моторс“ своевремено беше најголемиот производител на автомобили во светот, но не издржа пред налетот на намалената продажба и големите загуби. Компанијата во понеделникот најави дека ќе затвори или пак привремено ќе ја запре работата во уште 12 фабрики и други капацитети.

Обама смета дека банкротирањето ќе овозможи компанијата да се ослободи од неликвидните средства и големиот долг, за да може да започне одново. „Потоа имаме кредибилен план што е полн со надеж. Но, `Џенерал моторс` самиот не може да го спроведе овој план“, рече американскиот претседател.

Во изјавата од Белата куќа непосредно откако компанијата објави банкрот, Обама подвлече дека САД имаат одговорност за иднината на „Џенерал моторс“ и десетиците илјади вработени.

„Токму затоа нашата влада ќе направи значителна дополнителна инвестиција од околу 30 милијарди долари во `Џенерал моторс` - инвестиција што ќе ги овласти американските даночни обврзници на сопственост од околу 60 проценти во новиот `Џенерал моторс`“, рече Обама.

Владата ќе ја надгледува својата инвестиција во компанијата слично како што брокерска куќа ги следи инвестициите на своите клиенти, најави Обама.

XS
SM
MD
LG