Американскиот производител на автомобили Џенерал Моторс поднесе барање за банкротирање, во рамки на планот инициран од владата за реструктуирање на оваа 100-годишна компанија. Ова е најголем индустриски банкрот во американската историја.
И покрај тоа што доби милијарди долари владина помош, некогашниот автомобилски гигант не успеа да се опорави од драстичниот пад на продажбата на автомобили.
Се очекува владата да даде дополнителни 30 милијарди долари помош за реструктуирање на Џенерал Моторс по банкротирањето. Владите на Канада и на канадската покраина Онтарио исто така ветија 9,5 милијарди долари за Џенерал Моторс. Според виши владини претставници, компанијата би можела да се реорганизира за 60 до 90 дена. Тие најавија дека владата ќе биде мнозински сопственик на новата компанија, но дека не сака да се меша во нејзината секојдневна работа.
Најавите за банкротирање беа објавени во неделата, откако мнозинството сопственици на акции во Џенерал Моторс најавија дека ќе го поддржат планот со кој ќе добијат удел во реструктуираната компанија откако таа ќе објави банкрот. Владини лица предвидуваат дека таа ќе треба да продава по 10 милиони автомобили годишно за да не бележи загуби. Претходно, за истата цел, компанијата мораше да продава по 16 милиони возила.
И друг автомобилски гигант влече пресудни потези за својата иднина. Американски суд што решава за случаи на банкротирање во неделата ја одобри продажбата на практично целата актива на Крајслер на група предводена од италијански Фиат. Со овој потег, расчистен е патот Крајслер наскоро да излезе од заштитата под банкрот. Крајслер исто така претходно доби милијарди долари владина помош за да ја преброди економската криза.
Автомобилската индустрија е клучен дел од производниот сектор во САД, на кој пак отпаѓа една петина од американската економија.