Линкови за пристапност

Северна Кореја испукала уште еден проектил со кус домет


Јужнокорејската новинска агенција Јонхап вели дека Северна Кореја испукала проектил со кус домет во близина на нејзиниот источен брег, што е шести пат од понеделничкиот нуклеарен тест.

Потегот дојде неколку часа по ветувањето на Пјонгјанг дека ќе преземе натамошни „мерки за самоодбрана" доколку е испровоциран од Советот за безбедност на ОН. Соопштението објавено од Министерството за надворешни работи вели дека „секоја непријателска акција" од Советот за безбедност ќе донесе откажување од договорот за положување на оружјето од 1953 со кој заврши Корејската војна.

Претставници на петте постојани членки на Советот за безбедност (САД, Британија, Кина, Франција и Русија) во четврток се сретнаа зад затворени врати да разговараат за можни нови санкции спрема Северна Кореја заради последниот нуклеарен тест. Санкциите би можеле да вклучат проширување на ембаргото за оружје, и поставување ограничувања на финансиски и банкарски регулативи.

Официјални лица велат дека е малку веројатно резолуцијата да биде усвоена пред следната недела.

Тензиите на Корејскиот полуостров се зголемија по севернокорејскиот атомски тест. Пјонгјанг во среда соопшти дека не е веќе обврзан со договорот од 1953. Ја предупреди Јужна Кореја дека ќе преземе воена акција доколку Сеул и САД направат потег за пресретнување на севернокорејски бродови според напорите предводени од САД - Иницијативата за спречување на пролиферација на оружје за масовно уништување.

Потегот ги натера силите на Јужна Кореја и САД на Корејскиот полуостров да го кренат нивото на претпазливост на највисоко ниво од 2006, кога Северна Кореја го изведе првиот нуклеарен тест.

И покрај заканите од Северна Кореја, американскиот Секретар за одбрана Роберт Гејтс вели дека нема потреба од зголемување на бројот на трупите во Јужна Кореја.

Зборувајќи со новинарите рано во петок, на летот за Сингапур, Гејтс рече дека не знае за некакво невообичаено движење на трупи во Северна Кореја. Тој исто така рече дека администрацијата на Обама нуклеарниот тест го смета за агресивен акт, но дека не верува оти ситуацијата е криза.
XS
SM
MD
LG