Американскиот претседател Барак Обама идната недела ќе ја посети Саудиска Арабија, при што ќе се сретне со кралот Абдула, само еден ден пред да замине за Каиро.
Односите меѓу САД и Саудиска Арабија датираат уште од формирањето на саудиското кралство во 30-те години, а се зајакнаа откако неколку години подоцна американска компанија откри нафта во оваа земја.
Саудиска Арабија стана клучен американски сојузник за време на Студената војна. И покрај краткотрајните затегнати врски, американско-саудиските односи главно се стабилни.
Многумина аналитичари на престојната посета на Обама на Саудиска Арабија, гледаат како на можност за обнова на врските меѓу двете земји, како и истакнување на многуте заеднички грижи, вклучувајќи го Иран, арапско-израелскиот конфликт и глобаланата економска криза.
Кралот Абдула дојде на власт во август 2005, по смртта на неговиот полубрат кралот Фахд. Кралот Абдула има реноме дека е народен човек и реформист.
За време на владеењето, саудискиот крал беше затечен во насилна војна против терористите на Ал Каида и во последниве неколку години успеа во нивното совладување, и во голем дел беше вратен редот и мирот во земјата.
Директорот на Карнеги центарот за мир на Блискиот Исток, Пол Салем, вели дека кралот Абдула е клучниот фактор за подобрување на американските односи со арапскиот и муслиманскиот свет. Според овој експерт, економијата и безбедносните прашања најверојатно ќе бидат во фокусот на разговорите меѓу Барак Обама и кралот Абдула.
„Саудиска Арабија е главниот играч по прашањата за Заливот, безбедноста во Заливот, нафтата и тензиите со Иран, така што сигурен сум дека на овие теми има многу да се разговара. Саудиска Арабија ја потегна арапската мировна иницијатива во 2002-та, и е главен фактор во арапско-израелскиот мировен процес. Како дополнение, оваа земја е главен играч и во глобалната економска криза низ која минуваат САД“, изјави Салем.
Калед ал-Маена, уредник на саудискиот дневен весник на англиски, „Араб њуз“, смета дека Саудијците на Обама би сакале да му предочат неколку работи:
„Како прво, тука е потребата од чесна американска политика, појасен пристап кон прашањата за Блискиот Исток, а тука се мисли на целата територија на Блискиот Исток, Палестина, земјите од Заливот, па дури и Пакистан“, вели ал-Маена.
Сојузникот на САД, Израел, исто така со голем интерес ја очекува посетата на Обама на Саудиска Арабија. Експертите велат израелската влада на Саудиска Арабија, како и на Јордан и Египет, гледа како на фронт против Иран. Според нив, подобрите односи меѓу Вашингтон и Ријад, ќе значат и можност Америка да изврши притисок врз Саудијците за справување со се` поголемото влијание на Иран на Блискиот Исток.
Саудиска Арабија долго време беше против-тежа за Иран во областа на Заливот и нејзините врски со Блискиот исток и`даваат способност да смируваат различни регионални судири.