Линкови за пристапност

Изборот на Обама за Врховниот суд – пред голема битка во Конгресот


Претседателот Барак Обама се надева да направи историја со неговата прва номинација за судија во американскиот Врховен суд. Доколку биде потврдена од Сенатот, федералната судијка Соња Сотомајор ќе биде првата судијка од латиноамериканско потекло во највисокиот суд во земјата и втора жена во неговите редови, веднаш по Рут Бадер Гинсбург.

Поддржувачите на претседателот Обама велат дека тој правилно постапил со одлуката да ја номинира Сотомајор на функцијата врховен судија, не само поради нејзиното добро познавање на правото, туку и заради можноста таа во судот да внесе вистинско животно искуство.

При номинирањето Обама рече дека нејзиното животно искуство ја приближува до обичните граѓани, што тој смета дека е исклучително важно.

Сотомајор има 54 години и детството го минала во населба во јужен Бронкс, еден од најсиромашните делови во Њујорк. Нејзините родителите во САД пристигнале од Пуерто Рико. Татко и` починал кога имала девет години. Како федерална судијка, Сотомајор никогаш не заборавила од каде потекнува.

„Силно верувам во владеењето на правото како база за сите основни права. Се трудам секогаш да ги имам пред очи реалните последици за поединци, бизниси и влади, при донесување на одлуки“, рече Сотомајор.

Сотомајор дипломирала на универзитетот Принстон, а потоа студирала право на универзитетот Јејл. Прв пат за федерална судијка била назначена во 1992 и е една од најискусните судии номинирани за позиција во Врховниот суд со децении наназад.

Либералните и групите застапници на правата на латиноамериканците, ја поздравија нејзината номинација.

Брент Вилкес од Лигата на обединети латиноамерикански граѓани вели: „Таа е одлична судијка, почитувана од многумина, строга, но одмерена. Таа ќе му помогне на судот да ги разбере луѓето чии случаи доаѓаат пред него.

Сотомајор сега се подготвува за сенатскиот распит за нејзиното потврдување на функцијата. Потврдувањата за позиции во Врховниот суд може да бидат политички мотивирани. Некои конзервативни групи веќе се подготвуваат да се спротистават на одлуката на претседателот.

Останавува да се види како републиканците ќе се обидат да ја блокираат номинацијата на судијката Сотомајор. Демократите контролираат речиси 60 од 100-те сенатски места, со што може да биде тешко републиканците да соберат доволно гласови за да ја попречат номинацијата преку парламентарни тактики на одолговлекување на постапката.

Доколку биде потврдена на функцијата, Сотомајор ќе го замени судијата Дејвид Саутер кој заминува во пензија.

XS
SM
MD
LG