Линкови за пристапност

Стајнберг:  Атина и Скопје да најдат „креативно решение“, САД ќе помогнат


Има многу креативни решенија, смета американскиот заменик-државен секретар Џејмс Стајнберг за спорот со името меѓу Македонија и Грција. Тргнувајќи од искуството од средбите за време на неодамнешната посета на регионот, човекот број 2 во Стејт департментот се надева дека владите во Скопје и Атина ќе го надминат спорот.

„Сметаме дека тоа е мошне важно, дека тоа дава можност Скопје и тамошните лидери да го заземат своето заслужено место во европската интеграција, конкретно да станат дел од НАТО. Се надеваме дека ќе има реален, интензивиран фокус - и во Атина, и во Скопје - да се обидат да најдат креативно решение за да овозможат да продолжи интегративниот процес", кажа Стајнберг во пошироко интервју за Гласот на Америка.

Заменикот на државната секретарка Хилари Клинтон најави дека САД ќе продолжат да го поддржуваат процесот во ОН со посредство на Метју Нимиц и се подготвени да помогнат - колку што можат - во решавање на спорот.

„Напорно ќе работиме со обете страни, за да видиме кој е нивниот национален интерес, бидејќи и Грција, и Македонија имаат интерес ова да започне да се движи напред. Се обидуваме да ги мотивираме да погледнат подалеку од разбирливите чувства што луѓето ги имаат, да размислат за нивните пошироки стратешки перспективи и придобивки", рече заменик-државниот секретар.

Стајнберг бил охрабрен од средбите што ги одржал во Атина и смета дека "раководството во Грција ја цени важноста од тоа Македонија да биде подобро закотвена во евро-атлантските институции". Според овој виш американски дипломат, САД имаат „постојана надеж" дека ќе се најде добар начин да се надминат тешкотиите и да се добие добар резултат.

На прашање дали Вашингтон планира да назначи специјален пратеник за Балканот, Стајнберг во поширокот интервју за Гласот на Америка кажа дека не знае дали ќе има посебен претставник, но затоа коментираше дека самата посета на потпретседателот Џо Бајден, како и неговата посета, илустрирале колку САД сметаат дека Балканот е важен.

XS
SM
MD
LG