Во новообјавен извештај на „Мајнорити рајтс груп интернешнал“ стои дека Косово последниве години станало се` посегрегирано на албански и српски области, додека сите други етнички групи се маргинализирани.
Во извештајот се изразува загриженост за судбината на помалите малцински групи на Косово, вклучувајќи ги етничките Бошњаци, Хрвати, Турци, Горанци и Роми.
Меѓународна организација за почитување на правата на малцинствата, уште наведува дека со прогласувањето на независноста на Косово минатата година, и онака слабата заштита на правата на малцинствата, стана уште послаба.
Во извештајот на групата се додава дека постои опасност од „постојана миграција“ на малцинствата кои на Косово живееле со векови.
„Мајнорити рајтс груп интернешнал“ го повикува Косово „да обезбеди активно учество на сите малцинства во земјата во сите аспекти од јавниот живот.“ Оваа група воедно ја повикува и ЕУ да обрне поголемо внимание на малцинските заедници на Косово.