Линкови за пристапност

Северна Кореја се закани со воена акција


Расте напнатоста по нуклеарното тестирање што Северна Кореја го изврши порано неделава. Властите во Пјонгјанг велат дека ќе ја нападнат Јужна Кореја доколку учествува во операциите под американско раководство за пресретнување на бродови за кои се сомнева дека носат оружје за масовно уништување.

Во изјава издадена во средата, Пјонгјанг подвлече дека би го сметал таквиот потег на Сеул за воен чин и понатаму не би се придржувал на примирјето од 1953-та година што стави крај на Корејската војна.

Јужна Кореја во вторникот соопшти дека ќе учествува во Безбедносната иницијатива против ширење на оружјето, што вклучува размена на разузнавачки информации и поморска координација за спречување на транспорт на нуклерано и друго илегално оружје. Сеул се реши на ваков потег еден ден откако Северна Кореја изврши нуклеарно тестирање.

Според јужнокорејски новински извори, Северна Кореја одново ја активирала нуклеарната постројка во Јонгбјон. Земјата ја затвори истата и започна да ја растура во 2007-ма, согласно договорот постигнат на шестраните разговори за разоружување, на кои покрај Северна Кореја учествуваа и Јужна Кореја, САД, Кина, Јапонија и Русија. Но, Северна Кореја минатиот месец најави дека ќе го реактивира објектот откако Советот за безбедност на ОН го осуди нејзиното тестирање на проектил од долг домет.


XS
SM
MD
LG