Агенцијата за бегалци на ОН соопшти дека по 126.000 лица секој ден се принудени да ги напуштат домовите во северозападниот дел на Пакистан, каде армијата војува против талебанските милитанти.
Портпарол на Високиот комесеријат за бегалци вели дека престрелките во долината Сват и околината предизвикале едно од најголемите раселувања во изминатите години. Само месецов биле раселени 2, 4 милиони луѓе.
Според „Хјуман рајтс воч“, недостатокот од храна, вода и лекови создава голема хуманитарна криза за стотици илјади цивили „заглавени“ во регионот.
Директорот за Азија при оваа организација, Бред Адамс ја повика пакистанската армија итно да го укине полицискиот час воведен изминатава недела.
Тој истакна дека цивилното население во конфликтната зона ќе се соочи со „хуманитарна катастрофа“, доколку Исламабад не го укине полицискиот час и не ги преземе сите потребни мерки за ставање на ситуацијата под контрола.