Рецесијата во САД се одрази на
владиниот буџет воопшто, но некои јавни агенции се погодени повеќе од други. Јавните
правобранители се во првата група. Тие велат дека имаат се` помалку ресурси да се справат со напливот на клиенти
обвинети за кривични или други дела. Во меѓувреме, властите во Мајами бараат
приватни адвокати за да волонтираат и да помогнат во оваа криза.
Бен Рис уште пред 10 години ја
напуштил функцијата државен помошник јавен правобранител и почнал да работи за
познатата приватна адвокатска канцеларија „Гринберг Трауриг“ каде му понудиле поголема
плата. Сепак тоа не го спречило неодамна
да се појави во судница во Мајами во одбрана на тинејџер кој се соочувал со
обвинение за поседување на дрога.
Рис и неговите колеги од
приватната адвокатска канцеларија го добија случајот, на сечие задоволство,
особено на обвинетиот. Тинејџерот од Мајами е од семејство со ниски примања,
што не го прави типичен клиент за меѓународна адвокатска канцеларија како
„Гринберг Трауриг“. Вакви случаи вообичаено одат кај државните јавни правобранители. Меѓутоа со
намалување на државниот буџет и зголемување на бројот на уапсени лица, се
јавува криза кај повеќето од нив.
Јавниот правобранител Карлос
Мартинез вели дека адвокатите изминативе две години имаат дополнителни
ангажмани. Тој изјави дека е зголемен бројот на уапсени лица бидејќи владата
одвојува дополнителни средства за гонење на лицата кои поседуваат илегално
оружје, дрога или заради активности поврзани со банди. Но, слични фондови не беа испратени до
јавните обвинители или јавните правобранители за процесирање на судските
случаи. Во Мајами неодамнешните промени
го принудија Мартинез да елиминира 30 адвокатски работни места и да укине стажантски
места за студенти по право.
Затоа Мартинез и другите адвокати во слична ситуација ја прошируваат бесплатната програма во која волонтираат Бен Рис и околу дваесетина други приватни адвокати. Овој правобранител додава дека ваквата пракса помага во кризата, но не е решение за проблемот. Мартинез вели дека мора да се направат значителни реформи во системот.
Проблемите со буџетот не се проблем само за Мајами. Јавните правобранители во сојузните држави Кентаки, Минесота и Џорџија велат дека се соочуваат со слични ситуации. Адвокатите кои работат во државните служби велат дека намалувањето на буџетот може да ги загрози програмите кои се неопходни за обезбедување правда за сите.