Сега има повеќе пари во фондот за компензација на жртвите на најголемиот финансиски скандал во американската историја.
Инвестиционен фонд поврзан со најголемата банка во Шпанија се согласи да врати стотици милиони долари вложени во бизнисот на финасиерот Бернард Медоф, обвинет за проневера на милијарди долари.
„Оптимал инвестмент сервисис“ повлекол стотици милиони долари од своите сметки поврзани со Медоф, кратко време пред обелоденувањето на скандалот за проневера на околу 65 милијарди долари.
Официјално лице назначено од судот денеска соопшти дека инвестиционата компанија ќе исплати 235 милиони долари во друг фонд, наменет за плаќање на отштета на многуте жртви на Медоф.
Досега се собрани над 1,2 милијарди долари за компензација на инвеститорите кои загубиле пари при зделките со Медоф.
70-годишниот Бернард Медоф своевремено беше нашироко почитуван бизнисмен, но сега, поради скандалот се соочува со казна затвор до 150 години. Пресудата се очекува наредниот месец.
Измамата минала под радарот на надлежните органи 20-тина години.