Претседателот Барак Обама ја одбра Соња Сотомајор да служи во Врховниот суд не само поради нејзиното искуство во судскиот систем, туку и поради нејзината убедлива животна приказна.
Сотомајор, чии родители се од Порторико, пораснала во комплекс во јавна сопственост, во Бронкс, Њујорк. Била дијагностицирана со дијабетис на осумгодишна возраст, а татко и` починал следната година, оставајќи ја нејзината мајка, медицинска сестра, да ги одгледа неа и брат и` со скромните примања.
Дипломирала на Универзитетот Принстон и Школата за право на Јеил, што се два од најпрестижните американски универзитети. Педесет и четиригодишната Сотомајор вели дека нејзиното животно искуство и латиноамериканско потекло влијаеле врз нејзината работа како судија.
Таа ја почнала кариерата во 1979-та, како заменик државен правобранител во Менхетн, Њујорк, и подоцна станала приватен адвокат.
Била назначена за федерален судија во сојузната држава Њујорк во 1992-ра од републиканскиот претседател Џорџ Херберт Буш, а потоа и во апелациониот суд во 1997-ма од страна на демократскиот претседател Бил Клинтон.
Нејзина најпозната одлука е од 1995-та, кога застанала на страната на безбол играчите кои поднеле тужби против сопствениците на тимовите, со што бил ставен крај на штрајкот заради кој била прекината сезоната на игра во претходната година.
Аналитичарите сметаат дека ако биде потврдена од американскиот Сенат таа нема да влијае врз идеолошкиот баланс во Врховниот суд, бидејќи доаѓа на местото на либерално-наклонетиот судија Дејвид Саутер, кој се пензионира.
Највисоката судска инстанца носи одлуки за голема лепеза прашања, меѓу кои и такви кои остро ги делат Американците, како што се абортусот и смртната казна.