Линкови за пристапност

Северна Кореја тестирала уште проектили


Јужнокорејска новинска агенција тврди дека Северна Кореја лансирала уште два проектила од кус домет, и покрај растечката меѓународна осуда за понеделничкото тестирање на нуклеарна бомба.

Во извештајот објавен денес, агенцијата Јонхап цитира неименувани владини извори дека Северна Кореја ги тестирала проектилите од комплекс за лансирање на источниот брег.

Северна Кореја тестираше три проектили во понеделникот кусо време откако била детонирана подземната нуклеарна направа.

Доцна синоќа, на итна седница на 15-члениот Совет за безбедност на ОН, вклучувајќи ги САД, Русија и Кина, едногласно беше осуден нуклеарниот тест. Советот за безбедност кажа дека подготвува силен одговор за Пјонгјанг, но не е јасно колку далеку ОН се подготвени да одат.

Московската новинска агенција Интерфакс цитира извор од руското Министерство за надворешни работи како вели дека усвојување на силни санкции е веројатно неизбежно, зашто авторитетот на Советот за безбедност е во залог.

Кина, сосед и традиционален сојузник на комунистичка Северна Кореја, исто така кажа дека е решително против тестот. Но, Пекинг ги повикува „релевантните страни" да одговорат „со ладна глава и на соодветен" начин.

Русија и Кина се две од петте постојани членки на Советот за безбедност со право на вето и претходно блокираа обиди за построги санкции спрема Пјонгјанг.

Северна Кореја тврди дека има потреба од оружје за да се заштити од можен напад од САД и ја обвинува Америка за непријателство.


Тестот на моќна нуклеарна направа на Пјонгјанг го поттикна Сеул денеска да објави дека сака целосно учество во иницијативата предводена ид САД, Иницијатива за безбедност од пролиферација, за пресретнување на бродови за кои постои сомневање дека носат оружје за масовно уништување.

Северна Кореја претходно кажа дека таквиот потег ќе го смета за акт на војна и Југот избегна да се приклучи на американската иницијатива за да не го провоцира Северот.

Повеќе од 90 држави зедоа учество во програмата, што инволвира споделување на разузнавачки податоци и морнаричка координација за да се спречи транспорт на нуклеарно или друго илегално оружје.


Од своја страна САД ги уверија Јужна Кореја и Јапонија дека ќе им дадат поддршка.
Во телефонски разговор, денес, американскиот претседател Барак Обама, јужнокорејскиот претседател Ли Мјунг-бак и јапонскиот премиер Таро Асо се договорија тесно да соработуваат и да ја поддржат акцијата на ОН за спречување на нуклеарните активности на Северна Кореја.

Во нацрт-документ, од денеска, министрите за надворешни работи на повеќе од 40 држави ја поттикнаа Северна Кореја да не изведува други тестови и да се врати на шестстраните разговори чија цел е прекин на програмите за нуклеарно оружје.
XS
SM
MD
LG