Линкови за пристапност

Колин Пауел возвраќа на конзервативната критика


Додека конзервативната критика почна да ги преиспитува неговите републикански квалификации, поранешниот американски државен секретар Колин Пауел вели дека и натаму е републиканец, но дека верува оти партијата треба да практикува посеопфатна и поумерена политика.

Во интервју пренесувано на национална телевизија, Пауел рече: „Ајде да поведеме дебата за иднината на партијата и притоа да ги вклучиме сите сегменти".

Сепак, некои од највлијателните републиканци од крајната десница велат дека Колин Пауел повеќе нема место во партијата. Меѓу нив е и поранешниот потпретседател Дик Чејни, кој неодамна за телевизијата Си-Би-Ес изјави дека има впечаток оти Пауел заминал од редовите на републиканците уште од минатогодишната претседателска кампања.

„Тој му даде поддршка на тогашниот демократски претседателски кандидат, Барак Обама. Верувам дека тоа е некаква индикација за неговата лојалност и неговите интереси", вели Чејни.

Пауел, еден од најпочитуваните и најпознатите политичари со афро-американско потекло во САД, ја одбра истата телевизија за да возврати на критиката.

„И натаму сум републиканец, а што се однесува до моето гласачко искуство во изминативе 50 години, сум гласал за претседателски кандидат за кого сум мислел дека во моментот има најдобри квалификации да биде на чело на нацијата. Минатата година сметав дека тоа беше актуелниот претседател Барак Обама. Изминативе 20 години гласав исклучително за републиканските кандидати", изјави Пауел.

Тој јасно подвлече дека можен е судир на ставови меѓу умерените членови на Републиканската партија, како него од една, и конзервативците од друга страна.

Колин Пауел истакна и дека доколку партијата се придвижи кон десно, ќе загуби уште повеќе членови.

„Отсекогаш сум мислел дека Републиканската партија треба да биде поотворена отколку што беше во минатото . Јас верувам дека ни треба силна Републиканска партија што не е само закотвена во базата, туку која гради на таа база за да вклучи повеќе поединци", кажа Пауел.

Неодамна, поранешниот државен секретар изјави дека се пројавува нова Републиканска партија, на што критиката го нарече предавник на партијата и му порача – едноставно да им се приклучи на демократите.
XS
SM
MD
LG