Линкови за пристапност

Атлантис се врати на Земјата


Американското вселенско летало Атлантис се приземји во Калифорнија завршувајќи ја рекордната 13-дневна мисија при што беа извршени поправки врз вселенскиот телескоп Хабл. Американската агенција за вселенски истражувања НАСА проектот го нарече комплетен успех, велејќи дека ќе го продолжи векот на 19-годишниот телескоп за најмалку 5 години.

Пет дена по комплетирањето на работата врз Хабл, седумтемина астронаути од Атлантис конечно се вратија на Земјата, со задоцнување од два дена.

„Добредојде дома Атлантис! Честитки за успехно завршената мисија. На Хабл му дадовте нов пар очи со чија помош ќе го прошируваме нашето знаење за универзумот", рекоа од контролата на летање во Хјустон. „Благодарам Хјустон, ни беше задоволство од почетокот до крајот. Имавме одличен лет", одговори екипажот на Атлантис.

Атлантис се приземји во Воздухопловната база Едвардс во Калифорнија. Првично НАСА планираше шатлот да слета во центарот во Флорида, но тоа беше одложено заради лоши временски услови.

Сега, за транспорт на Атлантис назад до Флорида, ќе бидат потребни речиси два милиона долари.

Експерти од НАСА го пофалија екипажот за надминувањето на серијата проблеми за време на петте вселенски прошетки. Астронаутите инсталираа нови инструменти на Хабл, ги поправија неисправните делови и ги заменија старите батерии со нови.

Раководителот на вселенски проекти при НАСА, Ед Вилер, рече дека проверките на телескопот покажуваат дека мисијата била успешна и досега немало никакви проблеми.

Откако почна да кружи околу земјината топка во 1990, Хабл обезбедува многу повеќе информации за вселената споредено со телескопите стационирани на Земјата, чии прикази се оштетуваат од земјината атмосфера.

НАСА вели дека усовршувањето ќе му овозможи на Хабл да навлезе подлабоко во вселената и да трае барем до 2014 година. Агенцијата додава дека најновите поправки можно е и да се последни бидејќи наредната година планира да ги приземји вселенските летала.

Но, Ед Вилер кажа дека фокусот не треба да се става на негативното.

„Тукушто извршивме поправки на Хабл, добивме нов телескоп и четири нови инструменти. Ова се најдобри, а не најлоши времиња", рече Вилер.

НАСА очекува да ги објави првите информации од усовршениот телескоп до крајот на август.

XS
SM
MD
LG