Линкови за пристапност

Сеул: Севернокорејскиот нуклеарен тест – сериозна закана за мирот


Јужнокорејски претставници нуклеарниот тест на Пјонгјанг го нарекоа „сериозна закана за мирот и стабилноста" во регионот.

Портпаролот на претседателот Ли Мјунг-бак кажа дека Јужна Кореја ќе работи со САД, Јапонија, Кина и Русија за заедничка реакција преку Советот за безбедност на ОН, што се состанува на специјална сесија подоцна денеска.

Северна Кореја вели дека успешно извела подземен нуклеарен тест што бил помоќен од првиот ваков тест изведен пред две ипол години.

Јужнокорејската новинска агенција Јонхап исто така извести дека Северна Кореја детонирала и три проектили со кус домет во часовите непосредно по нуклеарниот тест.

Американскиот претседател Барак Обама рано во понеделник кажа дека тестовите за кои се известува се прашање на „голема загриженост" што бара меѓународна акција.

Во неговата изјава стои дека „со реакција на отворено негирање на Советот за безбедност на ОН, Северна Кореја директно и неодговорно ја предизвикува меѓународната заедница".

Руското Министерство за одбрана кажа дека нуклеарната експлозија била со сила од околу 20 килотони, што е иста величина со бомбата фрлена на Нагасаки, во Јапонија, во 1945. Сеизмолозите во светот известија за потрес во североисточна Северна Кореја, во близина на местото каде Пјонгјанг го изведе и првиот тест во октомври 2006.

Јужнокорејскиот претседател Ли Мјунг-бак свика итна безбедносна сесија откако беше објавена веста за нуклеарниот тест. Извештајот исто така ги потресе јужнокорејските финансиски пазари – главниот индекс на акции падна за речиси четири проценти.

Јапонската влада кажа дека формирала работна група за постапување во кризна ситуација што ќе делува од центар во канцеларијата на премиерот Таро Асо.

Минатиот месец, Северна Кореја се закани дека ќе ја рестартира работата на репроцесирање во еднаш затворениот нуклеарен комплекс Јонгбјон. Потегот беше одмазда за меѓународната критика по априлското лансирање на ракета за која се тврдеше дека е лансирана за да постави сателит во вселената.

САД и други држави веруваат дека ракетата била пробно лансирање на балистички проектил.

Како дополнение на заканата со рестартирање на објектот во Јонгбјон, Северна Кореја исто така ги напушти и шестраните разговори чија цел беше прекин на нејзините нуклеарни програми и кажа дека ќе изведе нуклеарни и балистички тестови со проектили.

Главниот нуклеарен пратеник на Вашингтон Стивен Босфорт се врати од патување во регионот порано месецов, во кое беа вклучени Кина, Јапонија и Јужна Кореја.

Босфорт вели дека Вашингтон е подготвен за директни разговори со Пјонгјанг. Северна Кореја сеуште не одговорила на понудата.
XS
SM
MD
LG