Линкови за пристапност

Клинтон:  Прашањето за името треба да се реши на прифатлив начин за обете страни


Прашањето за името треба да го решат самите страни вклучени во него, а САД се посветени да помогнат, истакна американската државна секретарка Хилари Клинтон во петокот на церемонија во Стејт департментот, на која поглаварот на Грчката православна црква во САД Димитриос и` врачи специјална плакета за нејзините залагања за решавање на прашања од грчки интерес.

Клинтон ја истакна потребата прашањето за името да се реши на прифатлив начин за обете страни.

„Заменик-секретарот Стајнберг неодамна престојуваше во регионот, изнесувајќи го тој став. Оваа влада уште на самиот почеток се зафати со прашањето со голема посветеност на него", одговори Клинтон на новинарско прашање дали американската влада планира да направи нешто во однос на спорот околу името.

Американската државна секретарка ја стави ползата од решавањето на прашањето во контекст на натамошна европска интеграција и стабилност во регионот:

„Очигледно, тоа треба да биде решено од самите страни, но ние повикуваме на решение. Сметаме дека е во сечиј интерес. Тоа ќе отвори пат уште една земја да се приклучи на Европската унија, за што сметаме дека промовира стабилност во регионот. Мошне сме посветени да чиниме она што САД можат да го сторат, за да помогнеме", рече Клинтон.

Говорејќи за Кипар, Клинтон потсети дека владата на претседателот Барак Обама енергично го поддржува посредникот на ОН и идејата за федерација од две зони и две заедници.

Првиот човек на американската дипломатија кажа и дека со нетрпение очекува да учествува на средбата на на ОБСЕ во Грција наредниот месец.

Врачувајќи ја плакетата во име на движењето „Национален координиран напор на Хелените", кое во Вашингтон одржа редовна „Годишна конференција за Кипар, хеленски и православни прашања", архиепископот Димитриос посочи дека таа содржи две мали епрувети со примероци од почвата на родното место на демократијата – Атина, како и од центарот на демократијата – Капитол Хил во Вашингтон, каде се наоѓа зградата на Конгресот. Тој рече дека грчката заедница во САД има апсолутна доверба во расудувањето, диспозицијата и посветеноста на Клинтон, не само за кипарското прашање, случајот со Екуменската патријаршија и прашањето за името, туку и воопшто, борбата за човекови права и човечко достоинство.

XS
SM
MD
LG