Американскиот претседател Барак Обама вели дека ќе ги испрати трупите во опасни мисии, само доколку за тоа има „апсолутна потреба“ и со стратегија и поддршка за успешно извршување на работата.
Обама ова го изјави за време на говорот пред дипломците на Морнаричката академија во Анаполис, сојузната држава Мериленд.
Тој на студентите им порача дека САД мора да надминат „полн спектар на закани“, вклучувајќи ги конвенционалните и неконвенционални закани, ширењето на смртоносните технологии, пиратството во стил на 18-от век, но и кибернетските закани од 21-от век.
Американскиот претседател додаде дека САД ја користат сета национална моќ, дипломатија, развој, економската сила и морално влијание, при справување со предизвиците, со цел армијата да не го сноси целиот товар.
Обама истакна дека САД мора цврсто да се држат до своите вредности, истовремено заштитувајќи и бранејќи го американскиот народ. Тој додаде дека доколку Америка застрани од своите идеали, принципот на правото би се нарушил и непријателот би се охрабрил.