Линкови за пристапност

Обама ја брани политиката за Гвантанамо


Претседателот Обама рече дека никогаш не се сомневал дека затварањето на Гвантанамо ќе биде тешко и комплексно:

„Чистиме нешто што едноставно кажано е – каша!“, рече Обама.

Тој вели дека нема лесни одговори, но подвлече дека нешто мора да се стори.

„Можам да кажам дека е погрешно да очекуваме дека проблемот ќе исчезне ако задржиме статус кво. Како претседател, одбивам да дозволам проблемот и натаму да се провлекува“, рече американскиот претседател.

Барак Обама вети дека ќе го затвори Гвантанамо уште за време на неговата кампања за влез во Белата куќа. Негова прва одлука по преземањето на канцеларијата беше забраната за брутални методи на испрашување и најава за затварање на Гвантанамо во 2010-та.

Говорот на Обама се случува еден ден откако Сенатот му се придружи на Претставничкиот дом во отфрлање на барањето на администрацијата за обезбедување на 80 милиони долари за затварање на притворниот центар за осомничени терористи на Заливот Гвантанамо на Куба, истакнувајќи дека мора најпрво да биде претставен конкретен план за справување со останатите 240 притвореници.

За прв пат, членови од неговата партија застанаа против него по прашањето за Гвантанамо.

Претседателот рече дека Конгресот мора да ја остави политиката настрана и да разбере дека Америка има капацитет да се справи со приведените, сеедно од кој калибар се.

„Нема да ослободиме никој, ако тоа ја загрози нашата национална безбедност, ниту пак ќе ослободиме приведени во САД кои претставуваат закана за американскиот народ“., рече Обама.

Тој рече дека во најдобро обезбедуваните затвори во САД ќе бидат сместени осомничените терористи. Се заложи дека ќе формира валидна правна рамка за продолжување на притворот на најопасните лица.

Претседателот подвлече дека Америка сврте нова страница и ќе се бори против тероризмот истовремено почитувајќи го владеењето на правото. Тој рече дека е време да се направи исчекор и додаде дека нацијата нема да биде безбедна се додека националната безбедност се користи за поделба на Америка.

XS
SM
MD
LG