Линкови за пристапност

Срдечен пречек на Бајден во Косово


Илјадници граѓани на Косово се собраа во четвртокот во Приштина за да му посакаат добредојде на американскиот потпретседател Џо Бајден. Ова е негова последна станица од балканската турнеја.

Ученици мавтаа со американски знамиња и го пречекаа Бајден со паноа во знак на поддршка за САД. Бајден се сретна со косовскиот претседател Фатмир Сејдиу и премиерот Хашим Тачи, а се обрати и во косовскиот парламент. Властите во Приштина го одликуваа Бајден со Косовскиот златен медал на слободата. Во еднодневната посета е вклучена и средба со американските сили кои учествуваат во мировната мисија на НАТО.

Ова е прва посета на виш американски претставник на Косово откако поранешната српска покраина прогласи независност минатата година. САД и голем број западни земји ја поддржаа независноста, и покрај противењето на Србија и Русија.

Во средата во Белград, Бајден на Србија и` понуди, како што рече самиот, цврсти нови односи со САД. Американскиот потпретседател рече дека Вашингтон не очекува Србија да го признае Косово како предуслов за американската поддршка за членство на Србија во ЕУ. Тој вети дека САД ќе го искористат своето влијание, енергија и ресурси да промовираат полноправно членство на Белград во ЕУ, и покрај острите разлики околу статусот на Косово.

Српскиот претседател Борис Тадиќ го повтори српското цврсто противење на независноста на Косово, но исто така кажа дека владата во Белград посакува, како што рече самиот, најдобри можни односи со Вашингтон.

Првата станица на Бајден на турнејата беше Босна и Херцеговина.

XS
SM
MD
LG