Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров вели дека при изготвувањето на новиот стратешки договор за контрола во вооружувањето меѓу Москва и Вашингтон, мора да се земат предвид американските планови за изградба на систем за противракетна одбрана.
Лавров зборуваше на прес-конференција со египетскиот министер за надворешни работи Ахмед Абул Геит, кој е во посета на Москва, при што рече дека Русија ќе ги разгледа предлозите на американската делегација за договор што ќе го замени СТАРТ, договорот за стратешко намалување на вооружувањето, чија важност истекува во декември.
Тој истакна дека крајниот резултат од разговорите, би претставувал чекор напред споредено со постоечкиот документ. Лавров подвлече дека генерално правило на договорот треба да биде постигнување на еднаква безбедност за обете страни, како и заштита на паритетот во областа на стратешка безбедност.
Русија остро се противи на американскиот предлог за инсталирање на систем за противракетна одбрана во Централна Европа. Кремљ го отфрла американското тврдење дека системот е наменет за одвраќање на можен ракетен напад од страна на Иран. Москва на него гледа како на закана по руската безбедност.
Актуелниот Договор за контрола во вооружувањето, забранува распоредување на преку 6.000 нуклеарни боеви глави на различни носечки системи – интерконтинентални и балистички проектили лансирани од подморници, како и на бомбардери. Договорот резултираше со 80-процентно намалување на бројот на американското и руското стратешко нуклеарно оружје, но сепак, и обете земји и натаму поседуваат илјадници парчиња такво оружје.
Новиот договор за контрола во вооружувањето се смета за неопходен, како за САД, така и за Русија, се` со цел да се изврши проверка и потврда за нуклеарниот арсенал на овие две земји. Меѓу разликите што преговарачите треба да ги надминат, се бројот на дозволиви нуклеарни боеви глави и дали договорот ќе ги покрие бомбардерите и проектилите. САД сакаат да се бројат само боевите глави подготвени за лансирање, а Русија сака да се вклучат и оние кои се во складишта.