Линкови за пристапност

Знаци на опаѓање на поддршката за Обама во либералните кругови


Претседателот Обама ја заддржува популарноста според анкетите во САД. Сепак, има знаци дека се намалува до сега силната поддршка од либералните демократи по прашања од доменот на националната безбедност.

Обама дојде во Белата куќа со ветување за промени и некои од неговите први одлуки ги задоволија либералните демократи, особено онаа за затворање на притворниот центар Гвантанамо, во Куба.

Но, изминатите недели некои групи од политичката левица изразија разочарување од претседателот.

На пример, одлуката на Обама да ги задржи воените трибунали од ерата на претседателот Буш за судење на осомничени терористи во Гвантанамо, предизвика негативна реакција. Антони Ромеро од Унијата на американските граѓански слободи говореше за телевизијата Си-Би-Ес.

„Мислам дека претседателот не е добро информиран. Ако претседателот мине толку време колку што јас минав во воените комисии во Гвантанамо, каде што неколку недели седев во задните редови на судницата, ќе го видеше дебаклот на правдата“, вели Ромеро.

Други групи се разочарани од колебањето на претседателот за поддршка на независна комисија која треба да истражи дали некои американски закони се прекршени со контроверзната програма за испрашување кое беше одобрена од администрацијата на Буш.

Линда Густитус е од групата „Национална религиозна кампања против тортурата“, и се залага за целосна одговорност на извршителите на таква тортура.

„Никогаш нема да бидеме убедени дека САД нема повторно да користат тортура ако американскиот народ, вклучувајќи ги и верниците, не покаже дека верува во неисправноста на тортурата под било какви услови“, вели Густитус.

Некои либерални демократи ја ставаат под прашање и одлуката на претседателот да испрати повеќе војници во Авганистан и постепено да ја намалува цифрата на американски војници во Ирак.

Конгресменот од Охајо Денис Кусинич го нападна Обама за време на трката за претседателска номинација од редовите на Демократите: „Немојте да му кажувате на американскиот народ дека ќе ставите крај на војната со продолжување на нејзиното финансирање. Немојте да му кажувате на американскиот народ дека ќе ставите крај на војната кога имате планови да оставите 50.000 војници во Ирак.“

Од своја страна, претседателот Обама повика на трпение и ги предупреди приврзаниците дека за вистинските промени е потребно време:

„Горд сум на постигнатото, но не сум задоволен“, рече Обама.

Други аналитичари веруваат дека Обама има силни политички причини да го одржи умерениот курс за надворешни и безбедносни прашања.

Ендрју Кохат е претседател на истражувачкиот центар Пју во Вашингтон. Тој вели: „Доколку заземе идеолошки пристап, тоа ќе го поткопа фактот дека тој е различен претседател и оти е централно-ориентиран. Тој беше избран од различни луѓе, но повеќе од електорат ориентиран кон политичкиот центар, отколку било кој претседател во поновата историја.“

На кус рок, заради својот пристап, претседателот Обама може да плати одредена политичка ацена. Но, најновото истражување на „Демокраси Корс“ покажа дека 64 проценти од испитаниците го одобруваат неговиот начин на решавање на прашања од националната безбедност.

Експертите велат дека е можно несогласувањата во редовите на либералите да продолжи да расте следниве месеци, особено кога претседателот ќе ја разгледа можноста за компромис со републиканците за прашања од типот на реформи во здравството и справувањето со глобалното затоплување.

XS
SM
MD
LG