Линкови за пристапност

Гвантанамо - затвор и суд


Одлуката на претседателот Барак Обама за натамошно користење на воените комисии во судските процеси за лица осомничени за тероризам и одредувањето на рок за затворање на притворниот центар на Заливот Гвантанамо во Куба, наиде на пофалби и критики кај законодавците и експертите.

Законодавците од обете партии ја поздравија одлуката на претседателот за натамошно користење на услугите на воените комисии при судење на лица осомничени за тероризам, со воведување на одредени нови правни заштитни мерки за затворениците.

Демократот Џим Веб, сенатор од Вирџинија, се чини дека се оградува од неговите претходни критики на воените трибунали. Во интервјуто за телевизијата Еј-Би-Си, Веб објасни зошто сега го поддржува постоењето на трибуналите: „Потребни ни се комисии како овие бидејќи постојат докази што не можат да се процесираат во регуларниот судски систем во САД – доверливи информации што може да имаат влијание на начинот на кој ги прибираме разузнавачките податоци и слично, а Гвантанамо во моментов располага со објекти каде ова може да се спроведе.“

Од друга страна, невозможно е да се разговара за начините на кои ќе им се суди на околу 240 затвореници кои во моментов се наоѓаат во Гвантанамо, без притоа да се разговара каде ќе бидат префрлени по затварањето на центарот.

Законодавците кои ја поддржуваат идејата за затварање на притворниот центар, вклучувајќи го и Веб, го поставуваат прашањето дали поставениот рок на Обама да се стори тоа во јануари е избрзан.

Со таков тон е изјавата на републиканецот Мич Меконел од Кентаки, лидер на сенатското малцинство за телевизиската мрежа Фокс:

„Сметам дека Гвантанамо треба да остане отворен. Се работи за објект вреден 200 милиони. Никој досега не успеал да побегне од него. Во него има и судници за работа на воените комисии и претседателот сега, сметам со право, реши да дозволи нивен натамошен ангажман“, изјави сенаторот Меконел.

Републиканскиот сенатор Џон Кајл од Аризона вели дека затворениците би добиле поголеми права штом воените трибунали ќе почанат повторно да работат. Промените меѓу другото вклучуваат право на поголем избор во одредување на нивен правен застапник, како и забрана за информации добиени преку примена на сурови техники на испрашување.

Сепак, и покрај најавените промени, Американскиот синдикат за граѓански слободи се залага за тоа на овие затвореници да им се суди во кривични, а не воени судови. Извршниот директор на групата, Ентони Ромеро, зборуваше за телевизијата Си-Би-Ес.

„Имаме капацитет, располагаме со затвори каде овие лица може да се префрлат. Имаме најсовремен судски систем во светот. Дозволете да го искористиме тоа, нема потреба да градиме нов“, вели Ромеро.

Се` уште не е познато на кои затвореници ќе им биде судено во регуларни, а кои ќе се соочат со обвиненијата во воени трибунали. Групите за заштита на човекови права се загрижени дека на некои од овие лица нема воопшто да им се суди, а тие да бидат држени во притовр неодредено време.

Претседателот Обама планира да побара одложување на судските постапки за девет актуелни случаи за 120 дена, додека не се спроведат промените во судскиот систем.


XS
SM
MD
LG