На годишното собрание Светската здравствена организација ги повика земјите да се подготват за можна пандемија на вирусот А-Ха-1-Ен-1 или свински грип.
Овогодишното Собрание на СЗО наместо девет, ќе трае пет дена, за министрите за здравство да се вратат побрзо во своите земји и да преземат мерки за справување со кризата заради свински грип.
Генералниот директор на СЗО, Маргарет Чен пред претставниците од 193 земји кои учествуваат на средбите, истакна дека тие не смеат да си дозволат да ја испуштат ситуацијата од контрола, особено во услови на интензивни патувања и контакти меѓу земјите во светот.
Таа воедно им порача на владите дека мора меѓу себе да соработуваат и отворено да ги споделуваат информациите заради координирање на активностите за спречување на ширењето на овој нов вирус.
Чен кажа дека секој е под притисок да донесе итни долгорочни одлуки во атмосфера на научна неизвесност.
„Живеевме пет години под опасност од пандемија причинета од смртоносниот птичји грип. Тоа го остави светот поподготвен, но и мошне исплашен. Треба да ја предупредиме јавноста кога има потреба за тоа, но и да ја разувериме кога има место за тоа“, рече генералниот директор на СЗО.
Според најновите податоци на организацијата, 40 земји пријавиле речиси 9.000 случаи на заболени од свински грип, вклучувајќи и 70 смртни случаи. Најголемиот дел од заразените се регистрирани во Мексико, САД и Канада, а меѓу останатите погодени земји се Јапонија, Шпанија и Британија.
Вршителот на должноста директор на Американските центри за контрола и превенција на болести, Ричард Бесер, изјави дека вирусот брзо се шири низ земјата. Тој истакна дека во САД и натаму е сезона на настинки и грип, и дека на новиот вирус сега отпаѓаат речиси половина од сите регистрирани случаи.
„Преземаме агресивни чекори кон изработка на вакцина против овој вирус. Испративме пет различни примероци од вирусот во пет различни лабаратории во светот. Овие центри ќе ни помогнат во издвојувањето на видот на вирус што би бил најдобриот кандидат за вакцина. Очекуваме да ги добиеме резултатите до крајот на месецов. Според нашите најдобри анализи, вирусот Ха-1-Ен-1 најверојатно циркулира низ целиот свет и е мошне сличен со останатите сезонски вируси. Бидејќи се работи за нов вирус, очекуваме да се заразат дополнителен број на лица и иако не се шири брзо, многумина ќе бидат подложни на него“, изјави Бесер.
Учесниците на годишното Собрание на СЗО се согласни дека во многу делови од светот има погрешна претстава дека ширењето на свинскиот грип или вирусот Ха-1-Ен-1, е намалено. Тие додаваат дека процесот не е завршен и дека наскоро се очекуваат нови случаи на заразени и во земјите од јужната хемисфера. Експертите најавија и будно следење на влијанието на овој вирус на поподложното население во некои од најсиромашните земји во светот.