Линкови за пристапност

Цената на нафтата највисокa за последниве шест месеци


Светските цени на нафтата достигнаа највисоко ниво во последниве шест месеци. Според тргувањето со акции на њујоршката берза, еден барел нафта сега чини преку 60 долари.

Извештаите за немирите во Нигерија, клучниот производител на сурова нафта, како и прекинот на работата на рафинерии ширум САД, придонесоа за зголемена загриженост за енергетските залихи, што пак резултираше со пораст на цените на нафтата.

Веднаш потоа е забележан благ пад и барел нафта чинеше нешто под 60 долари, веројатно заради неповолните вести од американскиот пазар на недвижнини што покажува дека економската криза не е завршена.

Изминатава година цените на нафтата достигнаа рекордно високо ниво. Во јули минатата година, барел нафта можеше да се купи за преку 147 долари, во време кога инвеститорите беа загрижени за намалување на залихите и за зголемување на побарувачката на нафта.

Подоцна, заради рецесијата цените на нафтата нагло опаднаа и барел нафта во декември чинеше под 33 долари.

XS
SM
MD
LG