Линкови за пристапност

Дик Чејни во центарот на дебатата за испрашување на притвореници 


Поранешниот американски потпретседател Дик Чејни изминативе недели е во фокусот на вниманието на јавноста, со централната улога во дебатата за техниките на испрашување на лица осомничени за тероризам што се употребувале во време на владата на поранешниот претседател Џорџ Буш. Истовремено, Чејни остро го критикуваше сегашниот претседател Барак Обама за начинот на кој ја води безбедносната политика.

Како човек кој поголемиот дел од изминативе осум години на претходната влада се обидуваше да биде што подалеку од очите на јавноста, невообичаено е што Дик Чејни сега е во центарот на дебатата за контроверзните техники на испрашување.

„Доколку не проговорам во јавноста, каде ќе не` одведе сево ова? Во тој случај критиката ќе има одврзани раце и ќе нема никој од наша страна да ја каже вистината“, вели Чејни, објаснувајќи ги причините за своето „враќање“.

Поранешниот потпретседател се појави на неколку ТВ- мрежи каде ја бранеше употребата на заострени техники на испрашување за време на претходната влада кои критиката ги нарекува - мачење. Чејни тврди дека техниките, вклучувајќи го и контроверзното симулирање на давење, резултирале во добивање на вредни разузнавачки информации за терористички заговори и спасиле животи. Истовремено, ги критикуваше одлуките на Обама да ги укине заострените техники на испрашување и да го затвори притворниот центар во Заливот Гвантанамо на Куба. Чејни смета дека поради нив, САД се поранливи на терористички напад.

На ова реагираа претставници на сегашната влада и демократи.

„Техниките на испрашување што се употребуваа беа контрапродуктивни. Можно е некои да биле успешни, но поголемиот дел од лицата што биле испрашувани ни дале некакви информации само за да ја запрат болката што ја трпеле“, вели сенаторот Тед Кауфман од сојузната држава Делавер.

Републиканскиот политички консултант Мет Маковјак, пак, тврди дека многумина републиканци се воодушевени што Дик Чејни излегол во одбрана на политиката на поранешната влада во борбата против тероризмот.

„Тој цврсто верува дека одлуките на претходната влада биле правилни, како и дека актуелната влада на извесен начин систематски врши преиначување на поголем дел од важните одлуки и политика на претходната влада, коментира Маковјак.

Сепак, тој додава дека нискиот рејтинг на Чејни во јавноста раѓа дилеми кај партиските симпатизери.

„Републиканците се навистина задоволни од презентираните аргументи, но едноставно сметаат дека би било подобро доколку нив ги изложеше друг, бидејќи потпретседателот Чејни од една страна нема голема популарност во јавноста, а од друга ги поврзува републиканците со претходната влада - нешто што републиканците сакаат да го надминат“, вели Маковјак.

Поранешниот американски потпретседател ги искористи телевиските гостувања и да посака добредојде на умерени членови во Републиканската партија, со напомена дека го поддржува овој чекор доколку тие не ја придвижат партијата премногу кон лево.

„Ние сме републиканци“, вели Чејни, „и како такви има одредени нешта во кои веруваме“.

XS
SM
MD
LG