Балканската турнеја на американскиот потпретседател Џо Бајден започнува во вторник, со посетата на Босна и Херцеговина, а наредните станици се Србија во среда, и Косово, во четврток.
Според виш претставник на американската влада, Бајден во Босна ќе даде подршка за реформите што треба да се преземат во натамошна изградба на државата за да се приближи до членство во НАТО и ЕУ.
Со посетата на Србија, САД се надеваат на владата и народот на оваа земја да им порачаат дека - како што вели американскиот претставник - Вашингтон сака да го притисне копчето „одново“, односно дека посакува позитивна иднина за Србија во евро-атлантската заедница и како лидер во регионот. „Не очекуваме Белград да ја признае независноста на Косово, но се надеваме и очекуваме да не направи нешто што би го поткопало Косово“, вели ова лице.
Во Приштина, Бајден ќе ја подвлече американската заложба за обединето, независно и мултиетничко Косово.
Според вишиот американски владин претставник, самата посета е порака дека иако на почетокот оваа американска влада не беше особено фокусирана на Балканот, таа сега одново го врти вниманието на регионот и на различни земји во него, како и дека сака да надогради на вниманието што САД и европските земји го посветија на Балканот во 1990-те за да стават крај на етничкото чистење, насилството и поделбите што тогаш го потресуваа. Главната поента е Балканот, како делот што досега недостасуваше, да стане дел од една целосна, слободна и обединета Европа, коментираше владиното лице.
На прашање дали американскиот потпретседател за време на посетата би можел да најави дека САД ќе назначат специјален претставник за Балканот, како што шпекулираа медиумите во Југоисточна Европа, вишиот американски претставник одговори дека тоа е нешто што се разгледува, но дека засега не е донесена одлука.