Пред две години, Институтот за технологија на Масачусетс објави нов програмски јазик што го најде патот до училниците и домовите низ цел свет. Познат под името „Скреч", тој стана начин на кој и децата, и возрасните учат и се забавуваат во ова компјутерско доба.
Ученици во Арлингтон, во сојузната држава Вирџинија, прават анимирани стории користејќи го „Скреч". Поголемиот дел од нив, како Лидија Мелгар од Ел Салвадор, го учат англискиот како втор јазик.
„Учиме како да користиме многу
зборови од речникот", раскажува Мелгар.
Наставникот по компјутерска
наука Џеф Елкнер им го претставил овој компјутерски јазик на децата во март.
„Мојата првична идеја беше да
го користиме `Скреч` за учење на програмирање. Но, потоа откривме дека со него одлично се учи
– јазик", вели Елкнер.
„Скреч" е создаден во
Медиумската лабораторија на Институтот
за технологија на Масачусетс.
Карен Бренан, која раководи со
проектот коментира: „Нашата цел не е да
создаваме армија на програмери, туку да ја развиваме способност за
самоизразување. Сметаме дека секој треба
да може да креира свој медиумски материјал".
„Скреч" е едноставен за употреба. Заснован е на принципот на градежни коцки што се соединуваат со различни команди. Има повеќе од сто такви парчиња од кои избирате, како и библиотека на визуелни елементи што се дел од програмата. Секој може да ја „симне" програмата од Интернет-страницата поставена во мај 2007-ма, и тоа бесплатно.
Карен Бренан дава
најразновидни примери на употребата на „Скреч" – од игра создадена од
деветгодишно дете во Германија, потоа виртуелни музеи, учење за уметност и
географија, па се` до меѓународна соработка.
За две години, колку што „Скреч" е во употреба, неговата страница
привлекла милион регистрирани корисници,
кои приложиле 400 илјади проекти.