Линкови за пристапност

Новото продолжение на „Ѕвездените пакети“ ги полни кино-салите и привлекува публика од разни возрасти


Научнофантастичната ТВ-серија „Ѕвездени патеки“ во 1960-те стана толку популарна што некои културолози тврдат дека со своите замисли за иднината го инспирирала напредокот на современата наука. Сега кино-салите во САД ги полни филмот со ист наслов, што се бави со почетоците на екипажот на вселенскиот брод „Ентерпрајс“.

Во „Ѕвездените патеки“ од 60-тите, публиката го памети капетанот на Етерпрајс Џејмс Кирк како харизматичен лик и храбар водач кој ја штити галактичката Федерација од непријателите. Во новиот филм, Кирк е самодеструктивен младич без вистинска насока во животот, чиј татко загинал бранејќи го од непријателски напад бродот со кој командувал.

Крис Пејн го игра капетанот Џејмс Кирк на млада возраст:

„Тој има голем проблем со авторитети. Филмот покажува како ќе го канализира својот огромен набој за да стане вистински капетан“, вели Пејн.

Истото се однесува и на младиот Спок. Ликот чиј еден родител е од планетата Земја, а другиот од планетата Вулкан, мака мачи да пронајде рамнотежа меѓу неговата човечка, емотивна природа од една страна и премногу логичката вулканска страна, пред да стане прв офицер на „Ентерпрајс“.

Захари Квинто го толкува ликот на Спок во продолжението. Тој наведува дека бил голем предизвик да го „замени“ Леонард Нимој, кој пред 40 години му даде живот на ликот на Спок:

„Тој е вистински актер. Привилегија е што учев од него, не само за во филмот, туку и во мојот живот“, вели Квинто.

Во филмот се и сите други оригинални ликови од ТВ-серијата. Неговиот успех лежи во балансот меѓу акционите сцени и односите меѓу ликовите – истиот рецепт што ја направи серијата толку популарна.

Новиот филм не е далеку зад неа. Засега заработи 100 милиони долари од кино-влезници. Публиката е од сите возрасти. Зошто да не? Во филмот игра одлична екипа, има прекрасни специјални ефекти и – вонвремена приказна.

XS
SM
MD
LG