Линкови за пристапност

Македонија во средината на 20 век:  историјата беше жива


Американскиот антрополог Џоел Хaлперн професионално патувал од Аљаска до Лаос, но едно од неговите најпознати истражувања се бавеше со процесот на модернизација на Балканот.

Халперн 25 години предавал на Универзитетот во Масачусетс, пред да се пензионира во 1992-ра година. Како докторант на Универзитетот Колумбија во 1954-та година, Халперн за потребите на дисертацијата за првпат ја посетува Македонија, каде вршел теренски истражувања. Напоредно правел и етнолошка колекција за Американскиот природонаучен музеј од Њујорк.

Среќавајќи се со професори и етнолози, тој посетил различни региони во Македонија. За Хaлперн, "Македонија била интересна земја со фасцинантна историја". Етничките, јазичните и верските разлики биле видливи во облекувањето и обичаите, но Хaлперн нагласува дека најочигледна разлика во тоа време бил судирот помеѓу руралното и урбаното.

„Во однос на разликите помеѓу етникумите во Македонија, некои беа очигледни, посебно при посетата на пазарите. Видов различни носии, но најочигледна разлика во тоа време беше судирот помеѓу руралното и урбаното. Од денешна перспектива, дури и во градот живееше минатото. Дури и турското влијание во архитектурата, во облекувањето и на пазарите беше присутно", вели Хaлперн во разговорот за Гласот на Америка на македонски.

Од денешна перспектива, Хaлперн наведува дека руралното и урбаното не се дел од колективната етничка идентификација. Според него, најважно за Македонија во иднина е да го негува мултиетничкиот идентитет.

Тој Македонија ја посетил уште неколкупати: во1962-ра, 1973-та, 1978-ма и последен пат во 2003-та година. Дел од неговите истражувања од околу 1.400 фотографии што ги направил во периодот 1954-1978 се публикувани на Интернет-страницата на Универзитетот на Масачусетс.

На истата веб страница се публикувани и согледувањата на Џозеф Обребски, полски антрополог и етнограф кој интензивно ја истражувал социјалната структура на населението и верските обреди во планинското село Волче во Западна Македонија. Ова истражување е направено во периодот од 1931-1932.

Двете истражувања даваат уникатна слика за општествените промени во Македонија што се случувале во средината на 20-от век.

XS
SM
MD
LG