Линкови за пристапност

Eдна година по најголемата акцијата за протерување илегални имигранти


Неделава беше одбележана годишнина од најголемата анти-имиграциона акција во САД.

Поствил, во сојузната држава Ајова, се уште се опоравува од апсењето и депортирањето на стотици работници од хиспанско потекло и затварањето на кланицата во која беа вработени најголем дел од нив. Повеќето беа дојдени од Гватемала, но голем процент беа од Мексико.

Денот кога се одбележа годишнината од овој настан во градот започна со одѕвонување на црквеното ѕвоно 389 пати, колку што осомничени илегални имигранти беа упасени тој ден.

Сите беа депортирани или приведени, но на околу 60-тина членови од нивните семејства им беше дозволено да останат во Поствил.

Работниците беа вработени од „Агрипроцесорс", компанија која во тоа време снабдуваше половина од количината на говедско и пилешко месо произведено на национално ниво.

Компанијата пријави банкротство минатата есен и оттогаш се бара нејзин купец. Во моментов, во фабриката се работи само една смена наместо во три, како што беше порано.

Со акцијата Поствил загуби околу една третина од населението.

Долгогодишниот локален адвокат Мет Ериксон вели дека влијанието се чувствува на многу начини. Популарниот мексикански ресторан и натаму е отворен, но со многу помирна атмосфера. Тој вели дека повеќе не е проблем да се најде слободно место за паркирање пред ресторанот или пред друга продавница на главната улица: „Како што минува време, се гледа дека некои бизниси страдаат, можеби уште повеќе со банкротирањето на „Агрипроцесорс" отколку со акцијата".

Додека настаните беа погубни за градот пред една година, градоначалникот на Поствил, Ли Рејко, на прес-конференција по повод годишнината од рацијата рече дека постои можност за промена: „Со „Агрипроцесорс"на продажба, имаме можност да почнеме од почеток, и работите овојпат да ги направиме како треба. Можеби компанијата нема да се продаде. Но, ако не беше рацијата, можеби немаше да имаме можност да направиме промени. Загубени се пари, но и пари кои ни се должат. Ние сме силна заедница и ќе работиме заедно да ги надминеме овие тешки времиња".

Поранешниот член од градскиот совет Арон Голдсмит е честопати портпарол за тамошната еврејска заедница. Тој вели дека градот тешко се справува и со проблемите кои ги имаат пакувачите на месо и со состојбата со економијата во целост: „Мислам дека полека се опоравуваме. Годинава бевме погодени од рацијата и од економијата. Но, штом ќе добиеме потврда за новиот сопственик, тоа ќе ја зајакне самодовербата и градот ќе може да оди напред".

Банкротството на фабриката на „Агрипроцесорс" и економското забавување негативно се одрази и врз локалната влада. Дарси Рандлоф од градската администрација вели дека неплатените даноци за годинава може да принудат на отпуштања во полицискиот оддел на градот, а веќе се одложени плановите за изградба на рекреативна патека за некои подобри времиња.

Во меѓувреме, демократскиот сенатор од Ајова, Том Харкин издаде соопштение во кое го фали градот Поствил за помошта дадена на семејствата на оние кои беа уапсени за време на рацијата.

Сенаторот Харкин рече дека ја поздравува одлуката на администрацијата на претседателот Барак Обама за рефокусирање на гонењето – кон работодавачите на илегалните имигранти.

XS
SM
MD
LG