Линкови за пристапност

Конференција:  океаните и ублажувањето на климатските промени


Научници и политичари неделава се собраа во индонезискиот град Манадо на Светска конференција за океаните, на дискусија - како океаните може да ги ублажат климатските промени и како промените влијаат на океаните.

Жаклин Адлер од УНЕП, Програмата на ОН за животна средина, вели дека конференцијата требало да се одржи уште многу одамна.

„Ова за мене е пресвртен момент. Се надевам дека владите на земјите-учеснички ќе се заложат и ќе осигураат дека го чиниме она што требаше да го чиниме последниве 20 години - сериозно да се однесуваме и да инвестираме“, вели Адлер.

Поради своите струења, океаните се главен фактор на климата. Подводниот свет апсорбира една четвртина од целокупниот јаглерод што човекот го испушта во атмосферата. Но, научникот од американската Национална управа за океани и атмосфера Ричард Спинард, предочува дека многу малку се знае за океаните, бидејќи технологијата за нивно проучување е релативно нова.

„Само од пред неколку години се врши темелна опсервација, како проверка на температурата на површината на океаните, за разлика од истите мерења кои на копно се вршат многу години наназад. Не можете да поставите дијагноза за одреден пациент се` додека немате увид во основните животни параметри: пулсот, кислородот во крвта... Истото важи и за океаните“, вели Спинард.

Научниците се сигурни во едно - загадувањето на животната средина само ја отежнува улогата на океаните во регулирање на климатските промени.

„Свесни сме дека треба да го намалиме нивото на јаглерод диоксид што се испушта во атмосферата, а потоа завршува во океаните. Но, дали знаеме колку време имаме пред ситуацијата да стане критична? Мислам дека одговорот е - не. Постојат важни нешта за океаните што не ги разбираме. Тоа најдобро ни покажува дека треба да преземеме мерки, вели Тони Хајмет, научник од Универзитетот Калифорнија во Сан Диего

Учесниците на Светската конференција за океани со нетрпение го очекуваат следниот настан поврзан со оваа тема - разговорите посветени на климатските промени што под покровителство на ОН во декемри ќе се одржат во Копенхаген. Делегатите на оваа средба се надеваат дека ќе постават основи на договор што би го заменил договорот од Кјото за намалување на испуштањето на јаглерод диоксид и справување со климатските промени. На конференцијата во Манадо се гледа како на прв меѓународен чекор состојбата со океаните да стане важен дел од борбата против климатските промени.

XS
SM
MD
LG