Линкови за пристапност

Партиски рeакции на говорот на Иванов – од обединувачко обраќање до „без политичка порака“


”Огромно е задоволството што можевме да слушнеме дека основна цел на претседателот Иванов ќе бидат градењето на добри меѓуетнички и меѓусоседски односи, а врвни приоритети НАТО и ЕУ”, изјави координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Силвана Бонева, според која експозето на новиот претседател Ѓорге Иванов бил говор кој ги обединува сите граѓани на Република Македонија, а самиот чин на инаугурацијата обединил поголем дел од државите во регионот. И Сафет Незири од ДУИ, честитајќи му го изборот на Иванов, изрази надеж дека тој ќе биде претседател на сите граѓани без оглед на нивната етничка, културна и друга припадност, за, како што рече, “да се испочитува Уставот и сите елементи кои не зближуваат како граѓани и шефот на државата да биде навистина претседател на сите националности кои живеат во Република Македонија”.

Македонскиот дел од опозцијата пак, настапот на Иванов го оцени како празен говор. За Цветанка Иванова од СДСМ, “говорот на претседателот Иванов е без политичка порака, со единствена цел да им се додворува на граѓаните. Во него нема ништо од стратегијата како ќе се решаваат клучните проблеми на Република Македонија, особено прашањето за името и светската финансиска криза”, рече Иванова.

”Претседателот со говорот успеа да испрати силна порака дека Крушевскиот манифест, Декларацијата на АСНОМ, Рамковниот договор и Уставот се стожери на поредокот на Република Македонија и на односите што се креираат внатре во државата”, изјави Имер Селмани лидерот на Нова Демократија, партија која се закануваше дека ќе ја бојкторира инаугурацијата поради неиспраќањето покана на претседателот на Косово Сејдиу. Сепак, според Селмани, претседателот Иванов испуштил голема шанса со првиот чекор да демонстрира не само кон надвор, туку и кон внатре, и да покаже капацитет да ги сплоти луѓето, особено различните перцепции меѓу етничките заедници.


Уште поостро реагираше Мендух Тачи, претседателот на Демократската партија на Албанците, кој го исполни најавеното и го бојкотираше Иванов, бидејќи според Тачи - “нема што да си кажат со Иванов”. Тој тврди дека во ДПА не го сметаат Иванов за легитимен претседател и дека во говорот имал националистички формулации како македонски херои, македонска нација и македонски предци. “Бидете сигурни дека тоа ќе предизвика други формулации како албански херои, албанска нација и албански предци. Мислам дека тоа е тотално погрешна политика”, рече Тачи, според кого пристните етнички Албанци на инаугурацијата биле “во трагична ситуација“.

Меѓу првите реакции на дипломатите во Скопје на експозето на Иванов, македонските медиуми ја пренесоа изјавата на амбасадорот на Словенија, Алан Брајан Бергант, според кого една од првите задачи на новоизбраниот претседател е евроинтеграцијата и забрзувањето на преговорите за името преку предлог за компромисно решение. Тој истакна дека “би било добро новиот Претседател да почне некоја нова иницијатива околу прашањето за името“. Амбасадорот на Руската Федерација, Владимир Солоцински, пак, истакна дека од новиот претседател очекуваат “односите меѓу Русија и Македонија да ги развива во сите области, особено на политички план“.

Меѓу првите честитики од странтво, е писмото на Обединетата македонска дијаспора од САД во кое се изразува уверување дека под негово водство Македонија ќе продолжи со демократските реформи. “Денес Македонија се соочува со големи предизвици. Најголемиот меѓу нив е прашањето за името и нападите на македонскиот народ, нација и суверенитет. ОМД е уверена дека под ваше водство Македонија храбро и решително ќе се соочи со овие предизвици, дека ќе продолжи да го штити своето суверено уставно име и идентитет, како и дека ќе ги продолжи демократските реформи и ќе работи за задоволување на социјалните и економските потреби на граѓаните”, се вели во писмото што ОМД го испрати до Иванов.

Според македонските медиуми, претседателот Иванов испратил писмо до американскиот претседател Барак Обама со кое се заблагодарил за неговата лична поддршка и за поддршката од народот на САД на Република Македонија, потецнирајќи дека честитката на претседателот Обама по повод изборот за претседател на Република Македонија тој ја примил како силен знак на поддршка.

Претседателот Иванов во писмото наводно ја истакнал решителноста за продолжување на дијалогот со Грција за изнаоѓање взаемно прифатливо решение со кое ќе се почитува македонскиот национален идентитет, јазик и култура и потенцирал дека Македонија ќе продолжи со напорите за членство во НАТО и во ЕУ, високо ценејќи зборовите на поддршка на американскиот претседател искажани на Самитот на НАТО, како и дека Македонија, како сигурен пријател и партнер и понатаму ќе стои рамо до рамо со САД на секој план.

XS
SM
MD
LG