Пакистан тврди дека армиските сили, кои се борат против Талебан во областа Пиочар, остваруваат контрола во ова зафрлено упориште на милитантите во северниот дел на Долината Сват. Армијата соопшти дека специјални сили, кои во вторникот биле уфрлени на теренот со хеликоптери, воспоставиле контрола на територијата зад позициите на Талебан.
Пакистанските сили велат дека нашле пет обезглавени тела во главниот град на Сват, Мингора, како и дека во борбите во последните 24 часа загинале 11 милитанти и четворица војници. Армијата тврди дека убила над 750 милитанти од почетокот на операцијата минатата недела.
Лице кое се идентификувало како портпарол на Талебан по име Муслим Кан во средата упатило нова закана против пратениците во покраинското собрание во Сват. Тој на новинарите по телефон им изјавил дека пратениците треба да си дадат оставка во рок од три дена, бидејќи во спротивно ќе бидат нападнати нивните роднини.