Линкови за пристапност

Вашингтон му честиташе на Иванов, го потенцира позитивниот тон на инаугуративниот говор


Официјален Вашингтон му честиташе на новиот македонски претседател Ѓорге Иванов на стапувањето на функцијата, истакнувајќи дека неговото инаугуративно обраќање било со позитивен тон.

„Соединетите Американски Држави му честитаат на претседателот Иванов на инаугурацијата и со нетрпение очекуваат да продолжат одличните односи со Македонија под негово раководство“, рече портпаролот на Европското биро на Стејт департментот Марк Тонер во изјавата за Гласот на Америка на македонски.

Американската влада смета дека особено охрабрувачки било да се слушне позитивниот тон на говорот на Иванов на инаугурацијата, како и неговата намера да работи во интерес на сите граѓани на Македонија.

На барање да ја коментира изјавата на лидерот на ДПА Мендух Тачи, дека говорот на Иванов изобилувал со националистички формулации, Тонер го потенцираше американскиот став дека новиот македонски претседател испратил позитивна порака.

„Не сум ги видел тие коментари.Не сум ги видел медиумските извештаи.Наше мислење е дека говорот беше со позитивен тон, а особено повикот за јакнење на односите со сите земји во регионот.Конкретно, фокусирањето на решавање на спорот со името со Грција исто така испрати позитивна порака“, кажа Тонер.

Портпаролот на Стејт департментот не сакаше да ги коментира медиумските шпекулации дека САД размислуваат за назначување на специјален претставник на Балканот.„Во моментов не можам да говорам за тоа прашање“, рече Тонер.

XS
SM
MD
LG