Линкови за пристапност

Грант од САД и договор со Фронтекс


“Оваа донација е доказ дека Македонија има добар пријател во САД”, изјави американскиот амбасадор Филип Рикер, кој на Секторот за гранични работи и на Царинската управа, односно на македонските министерства за внатрешни работи и за финансии им предаде разновидна американска опрема - термални камери од долг опсег, опрема за попречување недозволени активности на границите и компјутерска опрема во вредност од над 500 илјади американски долари.

“Програмата за контролата на извозот и гранична безбедност веќе пет години се одвива во Македонија, обезбедувајќи поддршка преку помош во обуки и донација на опрема за зајакнување на способностите на земјата во клучните области - попречување на оружја за масовно уништување и борбата против сите видови недозволена трговија”, рече Рикер при предавањето на опремата. Тој потенцираше дека крајниот резултат од нејзиното користење е побезбедна Македонија и со зајакната контрола на она што влегува и излегува во земјата.

На свеченоста на која присуствуваа министерот за финансии Трајко Славески, директорот за јавна безбедност Љупчо Тодоровски и директорот на Царинска управа Ванчо Каргов, Рикер го изрази задоволството на САД од напредокот на Македонија во попречувањето на незаконските активности на границите, а министерот Славески се обврза дека парите на американские даночни обврзници ќе бидат најефикасно искористени за заштита на безбедноста на македонските граници, на македонските граѓани и на регионот.

Паралелно со овој настан, Македонија доби уште едно признание со изјавата на извршниот директор на Европската агенција за управување со оперативна соработка на надворешните граници на земјите-членки на ЕУ - Фронтекс, Илка Лаитинен, според кого веќе е започната оперативната соработка меѓу Македонија и Фронтекс и, како што рече, “самите сме сведоци за развојот на капацитетите на оваа земја во однос на граничното управување“. Граничното управување е еден од условите за целосна визна либерализација за Македонија и потпишувањето на договорот меѓу Фронтекс и Македонијаво средата, според министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска, значи и признание дека Македонија се наоѓа на идентично еднакво ниво на гранично управување со земјите-членки на Европската унија.
“Ова за нас претставува потврда за постигнувањето на планот на реформите во делот на граничното управување, но и поттик за унапредување за понатамошната соработка со Фронтекс”, рече Јанкуловска.

XS
SM
MD
LG