Дури 40 проценти од возрасните имаат проблеми со `рчењето. Според нова студија изработена во Бразил, одредени вежби на устата можат да го ублажат овој проблем.
Џералдо Лоренци-Фило раководи со специјализирана лабораторија при Универзитетот Сан Паоло. Тој има многу пациенти кои бараат помош за `рчењето, и, како што вели, во најголем број случаи нив ги испратиле сопружниците или партнерите кои мака мачат да заспијат.
„`Рчењето е симптом што е поврзан со други. По дефиниција, доколку спиете сам, не `рчите“, вели Лоренци-Фило.
`Рчењето се јавува како резултат на олабавување на мускулите во горните дишни патишта додека спиеме. Доаѓа до блокада во патиштата и `рчењето е всушност звукот на нивното повторно отворање.
Лоренци-Фило вели дека негов пријател - терапевт за подобрување на говорот забележал дека одредени пациенти помалку `рчеле кога правеле одредени вежби со устата во кои се вклучени јазикот и горните дишни патишта. Заедно со него, започнал истражување што опфатило пациенти кои секојдневно ги правеле овие вежби.
„Се препорачува вежбите да се прават 30 минути секој ден. Добро е што може да вежбате додека правите нешто друго, на пример додека возите и чекате да се расчисти сообраќајниот метеж. Многу од пациентите ги правеа вежбите токму тогаш“, вели Лоренци-Фило.
За какви вежби станува збор? На пример, во една од нив, шмукајќи, го лепите јазикот на горниот дел на усната шуплина, и тоа го повторувате неколкупати.
По три месеци, забележано е значително подобрување на мускулната лабавост што го предизвикува `рчењето - за околу 40 проценти.
„Не мора да значи дека мускулите во горните дишни патишта по дефиниција се слаби, но оралните вежби имаат за цел да помогнат во обнова на физиолошката структура на мускулите“, коментира д-р Лоренци-Фило. Тој сега сака да утврди која од вежбите е најефикасна и планира да изврши ново истражување со поголем број пациенти и пофокусирани вежби.
Истражувањето на Лоренци-Фило е објавено во Американскиот журнал за респираторна медицина и интензивна нега.