Линкови за пристапност

Ѓорге Иванов на инаугурацијата:  претседател еднаков за сите граѓани


„Јасно порачувам, јас сум претседател еден и еднаков за сите граѓани“, рече новиот македонски претседател Ѓорге Иванов во говорот непосредно по преземањето на должноста.

Иванов кажа дека функцијата претседател за него е пред се` должност што ја презел пред граѓаните на Македонија.„Оваа голема должност не познава политички опции, етнички или религиозни, културни или локални разлики“, кажа новиот македонски претседател.

Во петгодишниот мандат, четвртиот по ред претседател на Република Македонија најави, како што ја нарече, „јасна и недвосмислена агенда“: земјата да стане членка на НАТО и на ЕУ, со одговорна надворешна и внатрешна политика, силна, почитувана и рамноправна, со горди, богати и среќни граѓани.

Иванов вети продолжување на досегашната регионална соработка базирана на добрососедство и взаемна доверба. Сепак, посебно ги истакна односите со Грција, за што рече дека се надева оти заедничките европски вредности ќе бидат мост на соработка за надминување на прашањата што ги обременуваат билатералните односи.Во делот на надворешната политика, Иванов порача дека Македонија останува верен сојузник и пријател со САД, ЕУ, Турција, но и со Русија, Кина и Индија.

Иванов не ги заборави ниту неговите претходници - Киро Глигоров, трагично загинатиот Борис Трајковски и Бранко Црвенковски; им се заблагодари за нивното лидерство и се заложи за соработка со сите институции, но и со независните интелектуалци, бизнисмените и, посебно, младите.

Денешната церемонија на преземање на должноста Иванов ја започна пред Парламентот каде беше пречекан од неговиот претходник Бранко Црвенковски.

По свечената изјава и инаугуративниот говор, новиот македонски претседател ги оствари и првите билатерални средби со неговите колеги од Србија, Црна Гора, Хрватска и Албанија.Претседателите Тадиќ, Вујановиќ, Месиќ и Топи беа присутни на инаугурацијата, што е за првпат во досегашната пракса.

Во среда Иванов заминува за Брисел, на своето прво претседателско патување.



XS
SM
MD
LG