Опозиционата Републиканска партија смета дека планот на претседателот Обама за укинување на притворниот центар Гванатанамо во американската база што се наоѓа на Куба претставува опасен чекор.
Претседателот Обама веднаш по стапувањето на функцијата вети дека до јануари 2010-та година ќе го затвори Гвантанамо, каде во моментов се држат вкупно 241 лице осомничени за тероризам.
Републиканскиот сенатор Кит Бонд од сојузната држава Мисури тврди дека претседателот нема план за тоа каде да ги испрати овие лица кога центарот ќе биде затворен.
„Иако претседалот Обама нема план што ќе прави со овие убијци, тој најави дека ќе го затвори центарот во јануари, за да го исполни ветувањето дадено за време на претседателската кампања. Ова е опасен случај на ставање на симболиката над безбедноста на земјата“, кажа Бонд.
Во редовната неделна порака на републиканците до нацијата, Бонд рече и дека американскиот народ има право да знае каде ќе бидат префрлени притворениците.
Генералниот правобранител Ерик Холдер минатата недела во Конгресот тврдеше дека во САД нема да бидат ослободени терористи и дека нема да биде доведена во опасност безбедноста на Американците. Холдер рече дека владата на Обама во моментов го разгледува секој случај поединечно и засега нема одлучено каде точно ќе ги испрати притворениците од Гвантанамо.
Сенаторот Бонд, пак, коментира дека Американците не сакаат лицата осомничени за тероризам да се вратат на бојното поле.
„Знаме дека одредени терористи кои беа притворени во Гванатамо, а потоа ослободени, повторно се приклучиле на борбата. Пентагон има потврдено дека најмалку 18 притвореници се вратиле на бојното поле, а за 43-ца постои сомневање дека го сториле истото“, кажа сенаторот Бонд