Проценувајќи ја неодамна одржаната средба на највисоко ниво во Вашингтон меѓу САД, Пакистан и Авганистан, командантот одговорен за американските операции во Јужна Азија и Блискиот Исток, генералот Дејвид Петреус, укажува на заканата што за Јужна Азија ја претставуваат милитантите на Талебан. Петреус предупреди дека подохрабрениот Талебан претставува реална опасност за Пакистан, како и дека во земјата постои се` поголемо разбирање за заканата.
„Постои извесен степен на едногласност дека мора да се преземе брза и ефикасна акција против Талебан во Пакистан“, изјави Петреус за „Си-Ен-Ен“.
Пакистанскиот претседател Асиф Али Зардари за „Ен-Би-Си“ во неделата ја истакна определба на неговата земја во тој правец, но додаде дека заканата од Талебан ги надминува границите на Пакистан.
„Сметам дека светот треба да разбере дека ова е нов предизвик на 21-от век и дека се работи за нова војна“, рече Зардари.
Во интервју за истата ТВ-мрежа, авганистанскиот претседател Хамид Карзаи искажа поголема доверба во Зардари отколку во претходниот пакистански претседател Первез Мушараф.
„Имавме мошне добра средба во Вашингтон. Се надевам дека ќе резултира во остварување на договореното. Чувствувам поголема сигурност и надеж“, кажа Карзаи.
Средбата САД-Пакистан-Авганистан во организација на Белата куќа се одржа минатата недела, во исто време додека траеше истрагата за загинувањето на десетици цивили во Авганистан, за кои се верува дека се жртви на американски воздушен напад.
Претседателот Карзаи ја повика американската армија да прекине со воздушните напади, но американскиот советник за национална безбедност, Џејмс Џонс најави дека останува можноста тие да се вршат и понатаму.
„Би било непромислено да ги врземе рацете на нашите команданти и да кажеме дека нема да изведуваме воздушни напади. Нападите се дел од комбинираните армиски активности и веројатно нема да го сториме тоа“, рече Џонс во интервју за ТВ-мрежата Еј-Би-Си.