Таткото на американската новинарка од иранско потекло Роксана Сабери и нејзиниот адвокат изјавија дека таа во понеделникот била пуштена од затворот Евин во Техеран, еден ден откако апелациониот суд ја намалил нејзината осумгодишна казна затвор под обвинение за шпионирање на суспендирана казна од две години.
Иранските државни медиуми потврдија дека казната била намалена за време на апелационата постапка во неделата.
Таткото Реза Сабери во понеделникот чекал пред затворот каде неговата ќерка се наоѓаше од крајот на јануари. Тој изрази надеж дека заедно ќе се вратат во САД во наредните неколку денови.
32-годишната новинарка која работеше како неврзан известувач минатиот месец беше обвинета и осудена за шпионирање. Нејзиното семејство и американската влада тврдеа дека обвинувањето е неосновано и бараа нејзино ослободување. Поддршка за нејзиниот случај дадоа меѓународните организации за човекови права и новинарство.