Линкови за пристапност

СЗО се` уште го проучува „свинскиот грип“, препорачува внимателност


Бројот на потврдени случаи на заразени од вирусот на грип А Х1Н1 нарасна над 2.000, соопшти Светската здравствена организација (СЗО). Заразата се прошири во 23 земји , иако најголемиот дел од случаите се во Мексико и САД.

СЗО се` уште го проучува вирусот на грипот и повика на натамошна внимателност во напорите за ширење на заразата. Вршителот на должноста директор на Организацијата Кеиџи Фукуда преку видео врска на средба на азиски претставници во Банкок кажа дека е од клучно значење земјите и натаму да внимаваат и да ја следат еволуцијата на заболувањето што стана познато под името „свински грип“.

Претставници на СЗО веруваат дека се` уште целосно не ги разбираат околностите во врска со жестокоста на грипот, рече Фукуда. Тој предупреди дека заболувањето може да стане повирулентно годинава со почетокот на сезоната на грип во северната хемисфера на Земјата.

Во Мексико во четвртокот заврши петдневниот прекин на сите јавни активности и животот започна да се враќа во нормала. И други земји започнаа да ги олеснуваат мерките против заразата.

Иако се забележани 1.700 случаи во 22 земји ширум светот, речиси сите од 44-те смртни случаи беа во Мексико. Единствените два надвор се во американската сојузна држава Тексас, која се граничи со Мексико.

Мексиканските власти проценуваат дека петдневниот прекин на сите активности ќе ја чини националната економија најмалку 2.2 милијарди долари. Азиските лидери на средбата во Банкок, на која говореше Фукуда, разгледуваа како да го контролираат грипот без притоа да нанесат штета на своите економии.

XS
SM
MD
LG