Линкови за пристапност

Обама: САД, Авганистан и Пакистан имаат заеднички непријател


САД, Авганистан и Пакистан имаат заеднички непријател во Ал-Каида и нејзините екстремистички сојузници кажа американскиот претседател Барак Обама по средбата со колегите од Авганистан и Пакистан, Хамид Карзаи и Асиф Али Зардари, што се одржа во средата во Белата куќа.

„Задоволен сум што овие двајца избрани лидери на Авганистан и Пакистан целосно ја уважуваат сериозноста на заканата со која се соочуваме и што ја реафирмираа заложбата да и` се спротистават“, рече Обама.

Американскиот претседател кажа дека трите земји се посветени на попречување, растурање и поразување на заедничкиот непријател. Тој ги оцени разговорите како исклучително продуктивни и ја истакна соработката меѓу Авганистан и Пакистан.

Поразувањето на екстремистите налага позитивен растеж и развој во регионот, како и армиски напори, коментираше Обама, и вети дека САД ќе ги поддржат претстојните национални избори во Авганистан и ќе помогнат во изградба на училишта, патишта и болници во Пакистан.

Претседателот подвлече дека американската влада ќе стори се` што е во нејзина можност за избегнување на цивилни жртви во операциите против терористи во Авганистан.

Претходно, американската државна секретарка Хилари Клинтон, која исто така се сретна со Карзаи и Зардари, изјави дека САД искрено жалат за, како што се тврди во извештаите, цивилните жртви во американско бомбардирање во покраината Фарах неделава. Клинтон најави дека владите на САД и Авганистан ќе го истражат инцидентот. Некои локални претставници тврдат дека во нападот загинале над 100 цивили.

„Го цениме тоа. Се надеваме дека ќе работиме заедно на намалување и конечно елиминирање на можноста за цивилни жртви додека се движиме напред во нашата војна против тероризмот“, коментираше Карзаи на изјавата на Клинтон.

Претседателот Карзаи се заложи и за намалување на годините на напнатост со Пакистан. “Пакистан и Авганистан се нераздвојни близнаци. Имаме заедничко страдање, а и радоста секогаш ја споделуваме“, рече авганистанскиот претседател.

Пакистанскиот претседател Зардари, чија сопруга, поранешната премиерка Беназир Буто падна како жртвна на атентат порача дека „демократијата ќе биде освета за убиството на мојата сопруга и илјадници Пакистанци и граѓани на светот“.

Во Стејт департментот, на почетокот на дводевните разговори на високо ниво, Пакистан и Авганистан потпишаа меморандум за разбирање со кој се обврзаа да го заокружат договорот за погранична трговија и транзит меѓу двете земји до крајот на годинава, за кој двете земји разговараат веќе 40 години.

XS
SM
MD
LG