Линкови за пристапност

Пакистан започна воздушни напади против Талебан


Цивили ја напуштаат долината Сват во пакистанскиот регион Малаканд, каде владините сили ја ескалираа офанзивата против милитанти на Талебан, откако пропадна мировниот договор меѓу локалните власти и милитантите.

Воени хеликоптери и авиони во четвртокот нападнаа позиции на Талебан во регионот. Властите привремено го олеснија полицискиот час, додека локалните претставници се подготвуваат за наплив на десетици илјади раселени цивили.

Меѓународниот комитет на Црвениот крст предупреди дека хуманитарната криза во Северозападната Погранична Покраина во Пакистан се заострила. Според непотврдени информации што ги примил Комитетот, во судирите во областите Дир, Сват и Бунер биле раселени до 500.000 Пакистанци.

Еден од синовите на Суфи Мухамед, радикалниот муслимански свештеник кој помогна да се постигне краткотрајното, сега веќе прекинато примирје, загинал во воздушнен напад на пакистанските сили во Дир, соопшти портпарол на Мухамед.

Според пакистанската армија, во средата загинале над 80 милитанти на Талебан и двајца војници во Сват и Бунер. Има извештаи и за цивилни жртви, но засега без конкретни бројки.

Ова е најжесток судир откако локалните власти во февруари годинава потпишаа контроверзен мировен договор со исламистичките милитанти во Малаканд. Според локалните власти, милитантите го прекршиле договорот што налагал тие да се разоружаат, во замена за воведување на стриктен исламски закон (шаријат) во регионот. Властите ги обвинуваат милитантите и дека се обиделе да воспостават паралелна власт.

XS
SM
MD
LG