Линкови за пристапност

Вирусите на грип се непредвидливи затоа што постојано се менуваат


Светската здравствена организација (СЗО) вели дека вирусите на грип се непредвидливи бидејќи еволуираат, па оттаму државите не треба да го спуштаат гардот во однос на вирусот Х1Н1 на грипот А, попознат како свински грип. Вкупниот број на потврдени случаи на заразени за кои државите ја известиле СЗО изнесува 1.025, од кои 26 завршиле со смрт.

СЗО советува луѓето да не посветуваат толку внимание на бројките, колку на тоа дека вирусот продолжува да еволуира и никој со сигурност не знае дали ќе дојде до избивање на нова, слаба или силна зараза.

Помошникот-генерален директор на СЗО за здравствена безбедност и животна средина Кеиџи Фукуда вели дека најголем број на случаи има во Мексико, САД и Канада, иако се јавува и за случаи во Азија, Европа и Јужна Америка. Според Фукуда, СЗО и натаму ќе го задржи нивото на будност од пандемија на високиот степен 5. Највисокиот степен - 6, означува пандемија од светски размери, но Фукуда вели дека во моментов нема докази за континуирано пренесување на вирусот во земја или регион надвор од Северна Америка.

„Степенот 6 значи дека сме сведоци на натамошно ширење на вирусот во земји надвор од само еден регион. Ако забележиме бројно избивање на вирусот на различни места во светот во исто време, тоа ќе ни укаже дека вирусот има фатено корен и дека треба да очекуваме заболувањето да се појави во најголемиот дел на земји во светот. Тоа е различно од жестокоста на пандемијата. Жестокоста на пандемијата се однесува на тоа кога луѓето ќе заразат, колку голем број од нив ќе заболат сериозно“, вели Фукуда.

Според претставникот на СЗО, мошне е важно будно да се следи еволуцијата на болеста. Светот денес е многу подобро подготвен да одговори на пандемија за разлика од 1918-та, вели Фукуда, кога таканаречната Шпанска грозница што траела до 1919-та, однела 50-на милиони човечки животи. СЗО смета дека нема индикации дека светот е соочен со таква тешка ситуација.

Фукуда го повтори и ставот на СЗО дека луѓето се заразуваат со вирусот Х1Н1 од луѓе, а не од свињи. Луѓето нема да се заразат од конзумирање на соодветно подготвено свинско месо, рече Фукуда

XS
SM
MD
LG