Линкови за пристапност

Облакодерот „Емпајар стејт билдинг“ „позеленува“


Познатиот облакодер во Њујорк „Емпајар стејт билдинг“, своевремено највисоката зграда во светот, е на пат да стане една од најеколошките. Реновирањето ќе чини 20 милиони долари, ќе трае до 2013, а ќе донесе заштеда на енергијата од 38 проценти, или 4,4 милиони долари годишно.

Градена во 30-те години за време на Големата депресија, „Емпајар стејт билдинг“ има 102 ката и е типичен пример на „арт деко“ стилот. Во неа има и канцеларии, и ресторани, а безброј туристи секојдневно уживаат во глетката на Менхетен од нејзиниот врв.

Нејзините сопственици започнаа обемен проект за реновирање на зградата од аспект на штедење на енергијата и заштита на животната средина.

Пол Род, директор на проектот, најавува дека ќе бидат заменети сите 6.500 прозорци со изолационо стакло, што ќе ја намали температурата во објектот во летните месеци, а ќе одржува топлината во зимски услови. Ќе биде поставена и изолација зад радијаторите во зградата, за да се намали губењето на топлината.

Планот предвидува инсталирање на економично осветлување и осовременување на контролните системи за да се заштеди енергија. Ќе бидат инсталирани и нови економични клима-уреди и системи за греење.

Според Род, сето ова ќе резултира во намалено испуштање на јаглерод диоксид од облакодерот за околу 105.000 тони годишно, а користењето на енергија ќе биде намалено за половина.

Сопствениците на „Емпајар стејт билдинг“ велат дека реновациите на старите згради е клучот за намалување на нивото на штетните гасови во Њујорк. Речиси 80 проценти од нив доаѓаат токму од зградите. Една од целите на проектот, според неговите изведувачи, е да се прошири пораката дека ова е добар бизнис и дека нема причина вакви проекти да не се реализираат и на други места во светот.

XS
SM
MD
LG