Ирачката влада објави дека не може да се продолжи рокот - до 30 јуни американските војници да се повлечат од сите урбани делови на Ирак. Портпаролот Али ал Дабах рече дека владата е обврзана на временскиот рок согласно американско-ирачкиот безбедносен договор.
Со неодамнешното зголемување на насилството во Ирак, се појави загриженост дали ирачките сили се подготвени да ги преземат безбедносните обврски. Американски команданти ја разгледуваат можноста да ги задржат војниците во градот Мосул на север на земјата и по крајниот рок, доколку ирачките власти го побараат тоа од нив.
Безбедносниот договор налага американските војници да се повлечат од градовите до крајот на јуни годинава, а од остатокот на земјата до крајот 2011-та. Американскиот претседател Барак Обама најави дека ќе ги повлече сите борбени сили од Ирак до крајот на август 2010-та.