Линкови за пристапност

Свинскиот грип може да се врати “со сета сила“, предупредува првиот човек на СЗО


Директорката на Светската здравствена организација (СЗО) Маргарет Чан предупреди дека епидемијата на свински грип од типот А-Х1Н1 би можела да се врати „со сета сила“, и покрај тврдењето на мексиканската влада дека заболувањето го достигнало својот зенит и започнало да опаѓа.

Чан за „Фајненшал тајмс“ изјави дека падот на стапката на смртност во и надвор од Мексико не значи дека на епидемијата и дошол крај. Таа сепак изрази надеж дека вирусот ќе започне да „губи здив“. Но, доколку продолжи да се шири, „тоа би била најголемата епидемија што светот ја искусил во 21-от век“, смета Чан.

Минатата недела, СЗО го подигна нивото на тревога на степен 5, сигнализирајќи дека во секој момент може да дојде до највисокиот степен - 6, што означува глобална пандемија. Чан во интервјуто за „Фајненшал тајмс“ кажа дека не прогнозира пандемија, но дека се подготвува за неа. СЗО за секој случај веќе испрати 2,4 милиони пакувања антивирусни лекарства во вкупно 72 земји во развој.

Мексиканскиот министер за здравство Хосе Ангел Кордова во неделата кажа дека епидемијата во земјата навидум го достигнала врвот меѓу 23-ти и 28-ми април, како и дека бројот на тешки случаи е во опаѓање. Мексико е центарот каде изби заразата. Земјата потврди 19 починати и 487 заразени од грипот. Во соседните САД има еден смртен и 226 потврдени случаи на заболени.

Научниците допрва треба да ја одредат силата и смртноста на оваа претходно непозната варијанта на грипот – комбинација на свински, птичји и човечки вируси. Новата варијанта предизвика загриженост бидејќи се прошири надвор од вообичаените сезони на грип, а беше и смртоносна за здрави, помлади возрасни лица.

Здравствените експерти стравуваат дека вирусот кодиран како Х1Н1 би можел посериозно да се закани за време на зимската сезона на грипот.

Најмалку 20 земји потврдија случаи на грипот.

XS
SM
MD
LG