Линкови за пристапност

САД: Работодавците на илегални работници на удар


Администрацијата на претседателот Обама презема мерки против работодавците во САД кои свесно вработуваат илегални работници.

Вчера, американскиот Оддел за домашна безбедност објави нови упатства за имиграционите власти кои според новата политика треба фокусот да го стават на работодавците, а не на илегалните работници.

Правилата налагаат агентите да спроведат „внимателно планирани кривични истраги“ против работодавците и потенцијално кривично да ги гонат и парично да ги казнат овие лица.

Властите додаваат дека надлежните органи ќе продолжат со апсење на работници кои во земјата престојуваат илегално, како дел од напорите да се поведат постапки против работодавците, но притоа се инсистира пред апсењето да има судски налог.

Новиот пристап значи промена на политиката од претходната администрација, кога се вршеа рации кои резултираа со апсења и депортација на илјадници илегални работници, но малку од нив завршија со истраги и казнување на работодавците.

Минатата година, само 135, од шесте илјади лица уапсени на работните места, биле работодавци.

Во меѓувреме, секретарот за домашна безбедност, Џенет Наполитано, објави соопштение во кое вели дека претседателот Барак Обама го назначил поранешниот американски обвинител Алехандро Мајоркас, на чело на Американската агенција за државјанство и имиграциони услуги.

По потекло до Куба, Мајоркас од 1998 до 2001 беше адвокат за централниот округ на Калифорнија. Наполитано додаде дека искуството на Мајоркас е од „клучно значење“ за Одделот за домашна безбедност, вклучувајќи го „спроведувањето на законот, граѓанските права, кривични дела сторени со помош на комјутер и меѓународно перење на пари.“

XS
SM
MD
LG